Претходна статија
Продадени уште седум парцели во индустриската зона „Жабени“
Следна статија
Заврши реконструкцијата на 16 улици во општина Ѓорче Петров

Странски компании се заинтересирани за гасификацијата на Скопје

Објавено на 08.01.2013 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Градските власти на Скопје успешно ја завршија првата фаза од подготовката на проектот за гасификација на метрополата. Неколку странски компании чии имиња засега не се обелоденуваат, се заинтересирани за инвестирање во изградба на системот за дистрибуција и за управување со дистрибуцијата на природен гас, а градската власт е задоволна од пројавениот интерес по распишаниот оглас на почетокот од декември. По реализацијата на повикот за пројавување интерес за учество во јавно – приватно партнерство, од Град Скопје планираат да продолжат со понатамошни активности во согласност со Законот за енергетика. Постапката за избор на приватен партнер во гасификацијата подразбира објавување на тендер за доделување на концесија за вршење на оваа енергетска дејност. Во согласност со членовите од законот, концесискиот период не може да биде пократок од 20 години и подолг од 35 години.

 

На предлог на локалната самоуправа, македонската влада треба да донесе одлука за започнување на постапката за доделување на концесија за изградба на систем за дистрибуција на гас. Според студијата на Градот Скопје, идниот приватен инвеститор во изградбата на дистрибутивната мрежа треба да вложи околу 40 милиони евра. Со изградбата на последните 6,5 километри од гасоводната мрежа на потегот од Топланата „11 октомври“ до „Топланата запад“ во населбата Тафталиџе, заокружен е неопходниот гасоводен прстен во градот. Локалната власт во 2007 година го основа јавното претпријатие „Енергетика“, со чија помош требаше да се пронајде стратешки инвеститор за приклучување на домаќинствата и индустриските погони на природен гас. Сепак, освен предлог – понудата за гасификација од страна на турското претпријатие „Игдаш“ обелоденета во 2007 година, досега не се пронајде друга сериозна компанија за вложување во овој стратешки проект за главниот град.