Четвртиот анти-кризен пакет на Владата, кој беше промовиран вчера, се состои од 24 мерки, од кои дел се насочени кон урбанизмот, градежништвото и пазарот на недвижности. Пакетот меѓудругото содржи:
-Намалување на надоместокот за приватизација на граджното земјиште кај правните лица за 30%.
-Измени во Законот за денационализација, односно скратување на постапката која како и со останатите Управни постапки ќе добива извршност со Решението на Второстепената комисија за денационализација.
-Измени и надополнување на Законот за домување со кои ќе се овозможи откуп на станови во државна сопственост од страна на носители на станарско право, а кои имаат долг по основ на неплатени закупнини. Долгот ќе се вгради во вкупната цена на станот кој ќе се уплатува во период утврден во договорот.
-Измени во Законот за градење со цел скратување на постапката (да не се издава одобрение за употреба на објект односно извештајот на комисијата за технички преглед да биде конечен).
-Измена и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање во правец на продолжување на рокови за обезбедување на одобрение за градење од една на две години.
-Усогласување на Законот за градежно земјиште и Законот за градење во поглед на роковите за градење (продолжување на рокови за обезбедување на одобрение за градење за објекти од 1 и 2 категорија – 10 години, од 3 категорија – 6 години и од 4 и 5 категорија – 4 години).
-Измена и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање Сл.В. бр.91/2009 во членот 17а (да се додаде дека законот важи и за иницијативи поднесени и за градби со комерцијална намена).
-Изработка на прирачник во кој ќе бидат детално опишани чекорите од процедурата за усвојување на ДУП и процедурата за издавање на дозволи за градба заедно со потребната документација, како и воспоставување на комуникацијата меѓу институциите кои треба да издадат соодветно одобрение/мислење.
-Скратување на постапката за изработка на ГУП, при што ќе се исклучи употребата на ажурирани геодетски подлоги при изработката на ГУП-овите.
-Изградба на повеќе придружни натпатници на Коридор 8 и Коридор 10 и вцртување на маркици за изградба на комерцијални објекти, со што би се овозможило транзитните патници да придонесат за развојот националната економија.