Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски денеска потпиша договор со италијанскиот конзорциум ФЦЛ Амбиенте (FCL Ambiente SRL) и Униеко СЦЦ ЦООП (Unieco SCC COOP) за давање под концесија на депонијата „Дрисла“. Инвеститорот ќе управува со депонијата во наредните 35 години и во неа треба да вложи 73 милиони евра во соработка со Градот Скопје, кој треба да обезбеди 20 отсто од финансиските средства. Планирано е најпрвин да се започне со интервенции за модернизација на депонијата и да се спроведе истражувачки процес, со цел да се изработи финален проект за безбедно одлагање на собраниот отпад и зачувување на животната средина. Во рок од четири до пет години треба да стартува изградба на фабрика за селекција на отпад со годишен капацитет од 250.000 тони и производство на енергетско гориво, како и фабрика за спалување на отпадот од која може да се произведе топлинска и електрична енергија.
Италијанците ќе вложат финансиски средства во постројка за пакување на отпадот со автоматско одвојување на металите, интегрирана линија за рачна сепарација на пластика за нејзино натамошно рециклирање, постројка за компостирање на отпад од зеленило и производство на високо квалитетен компост. Преку максимално селектирање на отпадот, предвидено е да се третира инертен отпад или отпад што произлегува од градежните активности. Во рамките на инвестицијата е зацртано третирање на индустрискиот отпад и интервенција за обезбедување на депонијата со каптажа на биогас, како и зафати за прифаќање и третирање на исцедокот. По целосната реализација на проектот е предвидено да се рециклираат преку 70 отсто од целокупниот отпад што се внесува во депонијата, а финансиски бенефит ќе има и Градот Скопје кој ќе добива 20 отсто од целокупниот профит.