ЕЛЕМ склучи договор со градежната компанија „Бетон“ од Скопје за довршување на браната „Леуново“ [»мапа], која е составен дел на мавровскиот хидроенергетски систем. Проектот за надвишување на постоечкиот објект е во вредност од 57.729.435 денари, односно нешто помалку од еден милион евра и ќе овозможи подигнување на работната кота на акумулацијата Мавровско езеро. Активностите на терен е планирано да завршат до 20 март 2013 година. На распишаниот тендер од државната ЕЛЕМ учествуваа четири компании, а скопски „Бетон“ е избран поради задоволување на пропишаните критериуми во документацијата, меѓу кои е и најниската цена.
Надвишувањето на браната е дел од втората фаза на ревитализацијата на македонските хидроелектрани, чија главна цел е зголемување на постоечкиот капацитет на овие енергетски објекти. „Леуново“ е една од двете брани со која е заградено Мавровското езеро. Се работи за земјано – насипна брана со јадро од глина и нафрлени камења, сместена на 1.235,2 метри надморска височина во близина на истоименото село. Должината на круната изнесува 820 метри, нејзината широчина е 6 метри и има вкупен волумен од околу 730.000 метри кубни земјен насип.