Претходна статија
Автодигалка
Следна статија
Анти-кризни мерки за градежништвото и пазарот на недвижности

Нов диспечерски центар на ЕЛЕМ

Објавено на 04.03.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вчера беше пуштен во работа новиот Диспечерски центар за планирање, координирање и управување со производството на електрична енергија на Електрани на Македонија. Диспечерскиот центар, кој чини 2,2 милиони евра, заедно со АМР системот за далечинско мерење од швајцарската компанија „Телегир“ (инсталиран во 2009 година), вреден 700 илјади евра, формираат комплексен систем за контрола, мерење, надзор и управување со производствените капацитети на ЕЛЕМ.


Преку диспечерскиот центар континуирано ќе се следат временските промени, нивото на акумулациите, очекуваните количини на водени дотоци, ќе се пресметуваат потребите за електрична енергија во земјата и ќе се изготвуваат планови за производство според потребите. Инвестицијата се очекува да овозможи оптимизација и координација на домашното производство на енергија, а со тоа оптимално штедење и солидно управување со природните ресурси. Хардверот и софтверот за центарот се дело на германски Сименс.


Диспечерскиот центар и АМР системот се само дел од опремата на SCADA системот (supervisory control and data acquisition). Во негови рамки координирано ќе функционираат три целини. Првата ќе се грижи за погонската подготвеност на производствените капацитети и нивното усогласување со пријавените потреби од електрична енергија во земјата и врз основа на тие параметри ќе изготвува планови за работа на капацитетите. Втората, врз основа на утврдените производствени планови ќе врши водење на енергетските капацитети, надзор и управување. Третата, врз основа на утврдените планови за производство и побарувањата од електрична енергија ќе ги утврдува можните вишоци на расположивата енергија која би се нудела на слободниот пазар преку новата компанија ЕЛЕМ-Трејд.