Комерцијална банка реализираше продажба на три објекти во нејзина сопственост со вкупна површина од 22.525 метри квадратни, по купопродажна цена во износ од 21.736.625 евра, без даноци и давачки. Се работи за зградите во строгиот центар на Скопје, зад новиот Археолошки Музеј, во коишто досега се наоѓаше седиштето на банката. Купувач е Владата на Република Македонија, која објектите ќе ги отплатува во наредните 15 години. Во нив ќе бидат сместени државни институции кои немаат свои простории и досега беа под кирија.
„Со оглед дека во рамките на продадените објекти се опфатени и објекти во кои Комерцијална банка ја обавува својата дејност, во иднина се планира Банката да ја извршува својата дејност во други објекти во нејзина сопственост“, соопштуваат од банката. Иако надлежните во „Комерцијална“ не откриваат каде ќе биде нивното ново седиште, извесно е дека тоа ќе биде зградата „Сан Марко“ во близина на Плоштадот Македонија [»мапа].
Станува збор за ново современо здание со девет надземни и две подземни нивоа и со вкупна корисна површина од 5.400 метри квадратни. Објектот е добитник на големата награда на манифестацијата „АСК – Архитектура Скопје 2011“ и веќе извесно време е оставен некомплетиран, со недовршено ентериерно уредување. Фирмата инвеститор „Уни-М“ проектот го финансираше со кредити од Комерцијална банка во висина од 12,3 милиони евра, но не успеа да најде заинтересирани клиенти за деловниот простор и доцнеше со исплаќањето на ратите. Во 2010 година „Комерцијална“ ја активираше хипотеката на објектот кој беше ставен како залог и го презеде во своја сопственост. Првично, банката се обиде да го продаде „Сан Марко“ на лицитација со почетна цена од 13,5 милиони евра.
Поради помалата квадратура на новиот објект, се шпекулира дека банката планира да купи уште една зграда во близина, а исто така и дека во старата зграда кај Археолошкиот музеј, согласно договорот со купувачот ќе останат шалтерите и граѓанските сефови.