Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов на синоќешната триесет и шеста новогодишна средба на архитектите во Музејот на град Скопје им ја врачи Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2012 година на архитектите Грегори Ибанез, Звонко Тасевски, Крсте Петков и консултантот Илија Божиновски од фирмата ДСЦ Дизајн за проектот „Skopje City Mall“. Како покровител на традиционалната манифестација, претседателот Иванов одржа пригодно обраќање во кое им упати честитки на овогодинешните добитници на наградата. „Македонската архитектура претставува одраз и на традициите, вредностите и светогледот на македонскиот народ, па оттука секоја генерација архитекти има предизвик и обврска да ја усовршува и збогатува македонската архитектура“, истакна претседателот Иванов.
Свеченото доделување на наградата го организираше Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во рамки на традиционалната новогодишна средба на архитектите. Големата годишна награда претставува преглед на архитектонските дела во тековната година и се стреми кон валоризација на најуспешното достигнување на архитектурата во земјава. Спонзори на овогодинешната награда беа Македонската авторска агенција и компаниите „Адинг“ и „БироПроект“ од Скопје.