Претходна статија
Рекордна трета промена на урбанистичкиот план „Мал Ринг“ годинава
Следна статија
„Skopje City Mall“ прогласен за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2012 година

На Широк Сокак ќе се обнови славното кино на браќата Манаки

Објавено на 26.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Локалната самоуправа од Битола се одлучи да го реализира долгогодишното ветување за изградба на некогашното легендарно кино „Манаки“, основано од пионерите на македонската фотографија и кинематографија – браќата Јанаки и Милтон Манаки. Маркантниот објект ќе се подигне на идентичната локација кај ресторан – барот „Корзо“ на Широк Сокак, на која истиот постоел до разорниот пожар и неговото затворање во 1939 година.  Општина Битола планира во две фази да го изгради киното „Манаки“. Во првата етапа е предвидено да се изведат 378 метри квадратни од зданието, со реставрирање на некогашната автентична надворешна архитектура, како и поставување на водоводна, канализациона и електрична мрежа во неговата внатрешност. За таа цел, денеска е публикуван оглас за избор на најповолен понудувач што треба да ги изведе градежните активности.

 

Почетната фаза од овој проект треба да се спроведе во временски период од 12 месеци. Заинтересираните компании се должни да ги достават своите понуди на тендерот најдоцна до 16 јануари, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Во согласност со информациите од општина Битола, старо – новиот објект ќе се состои од киносала со капацитет од 120 седишта, современа опрема за прикажување филмови и музеј посветен на браќата Манаки. Во идното здание е планирано да се одржуваат дел од кинопроекциите што се составен дел од програмата на реномираниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Финансиската конструкција на зафатот ќе се знае по добивањето на понудите од градежните компании. Локалната власт се надева дека и втората етапа од реализацијата на киното „Манаки“ би можела да започне во текот на 2013 година.

 

 

Киното „Манаки“ – објект со огромна архитектонска вредност за Битола

 

Прочуениот објект на браќата Манаки е препознатлив по некогашната извонредна фасада, која сеуште е регистрирана како македонско културно наследство под заштита на Министерството за култура. Според податоците од интернет – страницата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во 1921 година е организирано првото прикажување на филм под отворено небо на Широк Сокак од страна на Јанаки и Милтон Манаки. Подоцна, тие го градат затвореното кино, во кое првата проекција се одржува на 1 декемри 1923 година. Низ 16 – годишната историја на постоење, објектот во неколку наврати ги менува сопствениците и доживува различни успеси во киноприкажувањето.