Со финансиска подршка од ЕУ, распишан е меѓународен тендер преку кој се бара субјект кој ќе подготви детален проект, но и тендерска документација за изградба на пругата од Кичево до границата со Албанија, како дел од железничкиот Коридор 8 низ нашата земја. Со прелиминарната студија, од понудените неколку варијанти беше избрана траса со должина од 62,5 километри. Предвидена е изградба на едноколосечна електрифицирана пруга за брзини не помали од 100 km/h и осовински притисок до 250 kN.
Процедурата за учество на тендерот е ограничена на правни лица од земјите членки на ЕУ, земјите кандидати за членство во ЕУ, како и земјите кои се вклучени во проектот. Максимум 30% од активностите наведени во тендерот можат да се доделат на подизведувачи, а бројот на апликанти кои ќе добијат покана да поднесат детален предлог ќе биде меѓу 4 и 8 во зависност од вкупниот број на добиените понуди за учество. Од заинтересираните компании или конзорциуми се бара да имале приходи од по минимум 4 милиони евра годишно во последните 3 години. Приемот на првчните апликации ќе се врши до 25 јануари 2013 година. Прелиминарен датум на кој ќе се испрати поканата за учество на тендерот со детален предлог е 12 март 2013 година. Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година со времетраење од 24 месеци. Средствата за тендерот се од претпристапните фондови на ЕУ, а максималниот дозволен буџет изнесува 8 милиони евра.
Прелиминарната студија за овој проект ја чинеше државата 840 илјади евра и ја изработи бугарската компанија „Евротранспроект“. Железничката пруга од Кичево, преку Струга, до границата со Република Албаниjа е дел од Коридорот 8, чија изградба е предвидена и со одлука на Европската Комисија, како еден од 10-те пан европски транспортни коридори, кој ќе претставува врска од Црното Море преку Бугарија, Македонија и Албанија до Јадранското Море.
» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8