Претходна статија
Гасоводот од Клечовце до Неготино ќе почне да се гради во првиот квартал од 2013 година
Следна статија
Слаб интерес од инвеститорите за изградба на „Чебрен“ и „Галиште“

Новите проекти целосно ќе го променат сегашниот лик на Градскиот парк

Објавено на 19.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Барокна катна гаража, подземни гаражи, влезни порти, скулптури, фонтани и огромен забавен парк се идните содржини кои темелно ќе го променат постоечкиот изглед на Градскиот парк во Скопје. Во наредните неколку години тие треба да се реализираат на површината од паркот која што е под ингеренции на Општина Центар, со исклучок на проширувањето на сегашниот Луна парк кој ќе опфати дел од паркот што потпаѓа под територијата на Општина Карпош. Градот Скопје веќе ги разгледува доставените проекти од архитектонските друштва за ново партерно уредување, поставување на скулптури и урбана опрема во централниот дел на Градскиот парк. Од одделението за односи со јавност на Град Скопје напоменуваат дека повеќе информации ќе бидат достапни по завршувањето на процедурата за избор на идејното решение, а досега е познато дека во наредните две години ќе треба да се постават од 40 до 70 скулптури во новиот Парк на цивилизациите, големи порти на главните влезови во паркот, фонтани и детски реквизити.

 

Паралелно со оваа постапка, Градот Скопје го привршува разгледувањето на трите доставени понуди од заинтересираните компании за реализација на новиот Луна парк, кој од првичните 25.327 метри квадратни, најавени со распишувањето на првиот оглас, порасна на 40.000 метри квадратни со дополнителен опфат на зелените површини од Градскиот парк. Инвеститорот во модерниот забавен парк, кој треба да се реализира преку јавно – приватно партнерство, ќе се знае на почетокот од наредната година. Веднаш до Луна паркот треба да се гради и катна гаража кај спортската сала „Работнички“, која и покрај дополнителниот оглас и неговото поништување во текот на изминативе неколку денови, сепак денеска е продадена на приватен инвеститор по цена од 2.035 денари за метар квадратен.

 

Земјиштето за идниот гаражен објект кој треба да го следи архитектонскиот правец на постоечките објекти од проектот „Скопје 2014“ денеска е отуѓено за 4.808.705 денари или над 78.000 евра. На примамливата парцела со големина од 2.363 метри квадратни ќе се подигне катна гаража со капацитет за 700 возила и со максимална површина од 7.012 метри квадратни. За решавање на зголемените потреби за паркирање во Градскиот парк, планирани се и две подземни гаражи на северозападната и североисточната страна од стадионот „Филип II Македонски“. Иако веќе еднаш беа понудени на продажба, засега овие локации остануваат неатрактивни за приватниот сектор. Дополнителен простор за паркирање е планиран на местото на сегашните бараки на градската администрација, но нивната изградба би следувала по целосното завршување на идната Градска куќа. Историјатот на централниот парк започнува на крајот од 19 век, а последниот поголем зафат е извршен во текот на 70-тите години на 20 век. Градскиот парк зазема површина од 486.000 метри квадратни.