Во Македонија се регистрирани над 6.125 овластени инженери со дозволи за проектирање, надзор, ревизија и изведба и 120 инженери со потврдени странски овластувања. Единствен овластен субјект за издавање на различните видови на дозволи на стручните лица и за лиценцирање на градежните компании е Комората на овластени архитекти и инженери, која денеска одбележа пет години од нејзиното основање. Резултатите од успешниот развој ги презентираше претседателот на Комората Блашко Димитров, кој нагласи дека во изминатиов период се издадени преку 14.000 овластувања на професионални инженери од сите области. Комората се ангажира да им овозможи признавање на овластувањата на нашите инженери за да можат да работат надвор од земјата. Тој истакна дека во тек е процесот на усогласување на актите на комората со последните законски измени и дополнувања на Законот за градење и изработка на унифицирани правилници за добивање на овластување.
Комората планира во претстојниот период да ги примени еврокодовите од областа на градежништвото, како и да ја заврши изработката на регистарот за инженерски занимања. Покрај членувањето во Европскиот совет за инженерски комори, таа е потписник и на Спогодбата за инженерска иницијатива за регионална соработка. Комората на овластени архитекти и инженери редовно го издава стручното списание „Пресинг“, чии страници се отстапени за критички размислувања и специјализирани трудови од домашни и странски експерти на теми поврзани со градежништвото, архитектурата, енергетиката и останатите сродни области.