Претходна статија
Во Илинден ќе се гради здравствен дом
Следна статија
Се бара нов изведувач за довршување на објектот „Југобанка“

Повторно неуспешен обид Центар да добие нова општинска зграда

Објавено на 13.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Измина рокот за склучување договор за уредување на обврските помеѓу „Пера Констракшн“ и Општина Центар, во врска со изградбата на нов објект за локалната самоуправа на местото на сегашните општински бараки. Ова е епилогот на најновиот обид да се најде инвеститор кој според планот треба да изгради зграда со 15 ката и со површина од 31.000 метри квадратни, од која 51% од површината треба да ја отстапи на Општината.

 

Градоначалникот Владимир Тодоровиќ денеска ја повлече од дневен ред на седницата на општинскиот Совет, точката за продажба на атрактивното земјиште во Дебар Маало на кое требаше да се реализира проектот. На ваквиот расплет му претходеше протест на група граѓани и серија препукувања помеѓу централната и локалната власт од една, и опозицијата од друга страна. Опозицијата обвини дека се работи за сомнителна и евтина предизборна продажба и дека инвеститорот е обврзан објектот на општината да го изгради само до фаза на карабина, додека градоначалникот Тодоровиќ и Министерството за транспорт и врски, кое ја спроведуваше постапката за отуѓување на земјиштето, реагираа дека ваквите тврдења се шпекулации и груба манипулација на јавноста.

 

„Пера констракшн“ беше најповолен понудувач на наддавањето организирано на 26 ноември и за земјиштето со површина 7.528 метри квадратни понуди вкупно околу 370 илјади евра или околу 50 евра за метар квадратен. Ова беше трет обид општината да добие нови административни простории со помош на приватен партнер. Првиот обид за реализација на проектот беше спроведен во февруари минатата година, а првичниот план предвидуваше изградба на објект со приземје и четири ката, во барокен стил.