Претходна статија
Започна изградбата на технолошко - индустриската зона во Прилеп
Следна статија
Прво распишана, а потоа поништена објавата за продажба на парцелата за катна гаража кај салата на Работнички (ДОПОЛНЕТО)

ТЕМА: Државата да го вклучи приватниот капитал во подобрувањето на македонската инфраструктура

Објавено на 17.12.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Алармантните податоци во публикацијата „Транспорт и други услуги“ на Државниот завод за статистика укажуваат на спориот развој на патната и железничката инфраструктура во Македонија. Во периодот од 2007 до 2011 година изградени се само 143 километри нови патишта од сите категории, додека вкупната бројка заедно со реконструираните правци кои добиле нов асфалт и коцка изнесува 367 километри. Владата преку сопствените буџетски средства, општините преку локалните буџети и странските финансиски фондови и организации преку кредити успеале во просек да ја унапредат патната инфраструктура за 28,6 километри годишно, вклучувајќи ги сите магистрални, регионални и локални патишта во земјава. Особено поразителни се бројките за железничката инфраструктура, каде што сме забетонирани на 696 километри отворени пруги изградени во периодот на поранешниот југословенски систем.

 

 

 

 

Експертите посочуваат дека државата треба да се насочи кон изградба на нова патна и железничка инфраструктура, но и да посвети повеќе внимание на санацијата на постоечките делници. Патиштата кои се категоризирани како макадам, земјани и непросечени мора да се заменат со асфалт, при што од приоритетно значење се магистралните и регионалните патишта. Покрај обезбедувањето на финансиски средства од државниот буџет и преку заеми од меѓународните банки, централната власт треба да пронајде модели за директно и индиректно привлекување на приватен капитал во развитокот на инфраструктурата, од применување на моделот за јавно – приватно партнерство кај патиштата до овозможување на конкурентност во железничкиот транспорт што би генерирал зголемување на расположливиот капитал на МЖ – Инфраструктура и кој би се насочил кон самофинансирање на идни проекти.

 

Сообраќајниот инженер Дејан Трпевски напоменува дека за да може македонскиот железнички систем да работи на позитивна нула, потребно е во поглед на зафаќањето од вкупниот обем на превоз да учествува со најмалку 20%. Наспроти ова, уделот на железницата во превозот на стоки во текот на 2011 година изнесувал само 8%. „Железничката инфраструктура не може да се подобрува на секои 50 години со заеми и кредити, туку тоа мора да претставува континуиран процес кој ќе се финансира од остварените приходи на МЖ – Инфраструктура. Не постои логика во подобрување на инфраструктурата доколку во текот на 24 часа по истата таа инфраструктура поминуваат по 1-2 воза. Во таа ситуација и брзините од 50 километри на час се доволни“, вели за „Билд“ инженерот Трпевски. Тој додава дека во европските земји учеството на железничкиот превоз во целокупниот товарен транспорт се движи од 30% до 55%.

 

 

 

 

Апсолутен приоритет при развитокот на инфраструктурата треба да биде долгонајавуваната пруга кон Бугарија. Овој проект во поглед на економската исплатливост и повратот на вложените финансиски средства не е многу корисен, но со нејзината реализација би се стабилизирал целокупниот железнички систем и би се надминал монополот во диктирањето на цените од страна на Солунското пристаниште. Инженерот Дејан Трпевски истакнува дека е неопходно да се промени стратегијата за развој на железницата,  преку овозможување на приватните компании сами да набават товарни вагони и преку воведување на приватни оператери кои би можеле да вршат транспорт на стоки. „Приватните оператери се во можност многу брзо да се прилагодат кон барањата на стопанството, а сопствениците на таквите компании водат сметка за работата на железничките транспортери“, напоменува тој.

 

Единствен позитивен податок во статистичките информации за инфраструктурата е завршувањето на 38 километри автопатишта во периодот од 2007 до 2011 година. Вкупната должина на современите патни делници се искачила на 259 километри, заклучно со минатата година. Најголемо придвижување при инвестирањето во нови делници е направено кај локалните патишта, додека финалните бројки за развитокот на магистралните и регионалните патишта се речиси непроменети. Патните делници од најнизок ранг бараат најмалку финансиски средства за изведување на градежните работи, но и по нив се движи минорен број на возила. Стручњаците од оваа област во градежништвото заклучуваат дека забрзан развој на економијата и унапредување на патниот превоз може да има исклучиво преку позначително инвестирање во стратешките делници кои не поврзуваат со соседните држави и овозможуваат ефикасен транспорт помеѓу поголемите градови.

 

 

Владата ветува градежна офанзива за подобрување на македонската инфраструктура

 

Наредната година треба да започнат неколку крупни проекти со кои ќе се подобри патната и железничката инфраструктура во Македонија. Изградбата на автопатската делница од Демир Капија до Смоквица треба да продолжи во текот на целата година, а неодамна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески изјави дека во првата половина од 2013 година е планиран почеток на изведбата на автопатот од Миладиновци до Штип. Идната година треба да заврши реконструкцијата на автопатската делница од Катланово кон Велес и да започне работата на спротивниот правец, чија обнова би стартувала кон крајот на 2013 година. Со финансиски средства од северноатлантската алијанса НАТО ќе се изврши и санација на 13 оштетени мостови долж патниот Коридор 10. Најважен проект во железничката инфраструктура е рехабилитацијата на 30,8 километри од пругата помеѓу Куманово и Бељаковце на железничкиот Коридор 8, која ќе започне во првиот квартал до 2013 година. Ќе продолжи и модернизацијата на 24,1 километар од пругата на делниците Куманово – Табановце и Миравци – Смоквица на Коридорот 10, а за 2013 година е планирана и реконструкцијата на пругата од Битола до Кременица во должина од 16 километри.

 

 

Бојан Блажевски