Градот Скопје вчера распиша тендер со кој бара концесионер за планираната градска трамвајска линија број 1. Концесионерот ќе треба да ја проектира трамвајската инфраструктура, да изработи оценка за влијанието врз животната средина, да ја изгради првата линија во должина од 12,1 километар заедно со станиците, депото и другата пропратна инфраструктура, како и да набави најмалку 22 трамвајски возила за одвивање на сообраќајот по истата. За возврат, потенцијалниот инвеститор ќе може да стопанисува со системот во период од 35 години, сметано од денот на потпишување на договорот.
Заинтересираните субјекти мораат во секоја од последните три години да имаат остварено добивка од најмалку 20 милиони евра и вкупен промет од најмалку 700 милиони евра. Како критериум исто така е наведено тие да имаат извршено минимум четири договори за трамвајски или метро системи (дизајн, изградба, одржување и стопанисување) и тоа три договори направени индивидуално или здружени во конзорциум, со должина на трасата од најмалку 15 километри по принцип „клуч на рака“ и еден реализиран договор за стопанисување со трамвајски или метро систем во времетраење од најмалку три години.
Пријавувањето на понудувачите ќе трае најдоцна до 3 април 2013 година. Рангирањето ќе се врши според четири критериуми, од кои најголем број на бодови (30) ќе носи степенот на субвенции кои ќе ги бара идниот оператор. Инфраструктурата ќе носи 26 бодови, трамвајските возила 24 бодови, а за нивото на услугата ќе можат да се добијат најмногу 20 бодови.
Градот досега не ја објави физибилити студијата за проектот, но според достапните информации, линијата број 1 ќе ги поврзува населбите Ново Лисиче и Ѓорче Петров, минувајќи по булеварот Јане Сандански, центарот на градот, и булеварот Партизански Одреди. Според планот нема да има издвојување на шинскиот превоз од колскиот, ниту денивелација на одредени сегменти, односно трамваите ќе се движат по коловозите на постоечките сообраќајници долж целата траса на линијата, што наиде на негативни реакции кај експертите, исто како и нетранспарентноста на целиот процес. Проценките на надлежните власти околу цената на проектот константно растеа и според последните информации достигнаа 243 милиони евра, иако во меѓувреме не беше соопштено дека се направени битни измени во првичниот план за инфраструктурата или другите сегменти на проектот.