Локалната самоуправа од Неготино објави оглас за отуѓување на градежно земјиште за изградба на винарии со вкупна површина од 48.419 метри квадратни. На потенцијалните домашни и странски инвеститори им се нудат 16 локации со големина помеѓу 1.490 и 5.845 метри квадратни во местото Црно поле, во атарот на селото Курија. Од општината се надеваат дека атрактивните парцели, погодните климатски услови и долгогодишната традиција за производство на вино во неготинскиот регион ќе привлечат нов свеж капитал во оваа индустриска гранка. Почетната цена на електронското јавно наддавање изнесува 148 денари за метар квадратен.
Пријавите за учество на лицитацијата треба да се достават најдоцна до 3 јануари, а степенот на заинтересираност на компаниите и најповолните понудувачи за купување на градежните парцели ќе се знаат на 8 јануари. Од Општина Неготино очекуваат дека со продажбата на државното земјиште ќе се инкасираат минимум 7.166.012 денари или над 110.000 евра. Идните инвеститори се обврзани да обезбедат одобрение за градење во рок од девет месеци од денот на солемнизацијата на договорот, поточно во рок од 12 месеци за отуѓените парцели поголеми од 5.000 метри квадратни. Винариите е предвидено да се завршат најдоцна за шест години по добивањето на градежните дозволи за нивна изградба.