Општина Петровец наредната година ќе добие модерен трговски центар на површина од 10.000 метри квадратни. Градежните активности на терен забрзано се одвиваат, а во моментов се подигнува вториот кат од идниот мултифункционален комплекс кој ќе се простира на приземје и четири ката. За посетителите е планирана изградба на паркинг простор со капацитет од 80 возила. Инвеститор во новиот трговски центар е италијанската компанија „Еуроиталиа“. Висината на оваа странска директна инвестиција изнесува 10 милиони евра. За изведувач на градежните работи е избрана компанијата „Ники градба“ од Скопје.
Засега не се објавуваат информации кои брендови и ланци на продавници ќе бидат дел од трговскиот центар. Предвидувањата се дека идниот комерцијален објект ќе отвори 100 нови работни места. Камен – темелникот беше поставен кон крајот на октомври минатата година и тогаш инвеститорот најави дека зданието ќе биде завршено до крајот на 2012 година, но според последните информации официјалното пуштање во употреба е пролонгирано за наредната година. Локалната власт соопштува дека италијанската компанија има купено уште една парцела од 6.000 метри квадратни во Катланово, каде што е предвидено да се реализира современ спортско – рекреативен комплекс и спа – центар на површина од 27.000 метри квадратни.