Локалната власт од Битола објави оглас за продажба на 16 локации во индустриската зона „Жабени“. На заинтересираните инвеститори им се нудат градежни парцели со површина од 3.579 до 13.102 метри квадратни за изградба на објекти за комерцијални и деловни дејности и за индустриски објекти со намена на производство, дистрибуција и сервис. Вкупната големина на огласеното земјиште изнесува 99.472 метри квадратни. Општина Битола ја проценила вредноста на понудените локации на 900 денари за метар квадратен кај оние со намена за комерцијални и деловни дејности, додека почетната цена на парцелите наменети за производство, дистрибуција и сервис изнесува 61 денари за метар квадратен. Доколку успешно се реализира електронската аукција, тогаш во државниот буџет и во оној на локалната самоуправа ќе се слеат најмалку 18 милиони денари, односно 300 илјади евра. Пријавите за учество на електронското јавно наддавање треба да се достават најдоцна до 27 декември, додека новите инвеститори во индустриската зона „Жабени“ ќе се знаат на 8 јануари 2013 година.
Од целокупниот простор со вкупна планирана површина од 216 хектари досега се продадоа преку 34 хектари градежно земјиште, што претставува повеќе од половина од планираните парцели во првата од трите фази на реализација на индустриската зона. Германскиот гигант од автомобилската индустрија „Кромберг и Шуберт“ во моментов ја гради фабриката за производство на кабелски инсталации за автомобили со предвидена површина од 22.500 метри квадратни. Општина Битола константно вложува финансиски средства во изведба на неопходната инфраструктура во рамките на индустриската зона, а државата со средства од европските ИПА фондови ќе изгради пруга со која индустриските капацитети ќе се поврзат со железничката делница од Битола до грчката граница.