Новата зграда на Државниот универзитет во Тетово денеска беше свечено пуштена во употреба. Образовниот објект се простира на површина од 19.330 метри квадратни и располага со 55 училници, 93 кабинети, лаборатории и читални, а во негови рамки се предвидени и пропратни содржини за задоволување на секојдневните потреби на студентите, професорскиот кадар и администрацијата на оваа високообразовна институција.
За реализацијата на проектот се издвоија финансиски средства во висина од 11,5 милиони евра, од кои најголем дел или околу 10 милиони евра се обезбедени од Министерството за образование и наука. Во современото здание ќе се сместат Правниот, Економскиот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет, ректорската управа и администрацијата на тетовскиот универзитет. Вселувањето во универзитетската зграда следува по тригодишните интензивни активности за нејзино завршување, а изведувач беше градежната компанија „Модинг“.