Застојот во плановите за изградба на енергетски капацитети во Македонија го зема данокот. Продолжува трендот на зголемување на увозот на електрична енергија од странските пазари, но и падот на домашното производство од хидроелектраните како и на производството на топлинска енергија. Според податоците од Државниот завод за статистика, од бруто – домашната потрошувачка на електрична енергија во износ од 9.552.855 MWh, 72 отсто се обезбедени од македонските енергетски објекти, додека 28 отсто се увезуваат од странство. За разлика од минатата година, статистичките информации за 2009 година говорат дека потрошувачката на електрична енергија изнесувала 8.265.837 MWh, при што домашното производство задоволувало 82,6 отсто од тогашната побарувачка, додека увозот изнесувал 17,4 отсто.
* ХЕ Козјак
Споредбата на статистичките извештаи за минатата во однос на 2010 година покажуваат намалено производство на електрична енергија во македонските хидроелектрани. Пред две години преку искористување на водните потенцијали на земјава се добиле 2.429.283 MWh, за разлика од 2011 година кога хидроенергетските објекти обезбедиле 1.433.120 MWh електрична енергија за задоволување на потребите на индустриските капацитети и на домаќинствата. Анализирајќи ги придвижувањата во производството на електрична енергија преку ползување на водата како обновлив извор на енергија низ годините наназад, може да се заклучи дека годишните флуктуации на врнежи во земјава ја потврдуваат тезата дека хидроелектраните претставуваат нестабилен извор за задоволување на константно растечките потреби за овој вид енергија на македонскиот пазар.
* Те-То Скопје
Забележителен пад е констатиран и во секторот производство на топлинска енергија. Домашните капацитети во текот на 2009 година обезбедувале 5.378.850 GJ топлинска енергија со ползување на јагленот, нафтените продукти, природниот гас и биомасата, додека енергетските објекти во рамките на 2011 година го намалиле производството на 2.688.288 GJ топлинска енергија. Најдрастична промена претставува замената на нафтените продукти со природен гас во процесот на добивање на енергија за затоплување на домаќинствата и за потребите на индустријата. Наспроти ваквите негативни трендови, статистичките податоци покажуваат минимални, но сепак позитивни придвижувања во добивањето на електрична енергија од соларните електрани и во добивањето на геотермална топлина. Со искористување на сонцето како обновлив и еколошки извор на енергија во изминатите 12 месеци се добиле 1.173 MWh електрична енергија, додека зголемувањето на производството на геотермална топлина изнесува околу осум отсто во однос на 2010 година.