Претходна статија
Расне увозот на електрична енергија од странство, домашното производство статус - кво
Следна статија
Хотели, марина и голф терени ќе се градат во Љубаништа?

Скопски „Гранит“ ќе ги реконструира струмичките улици

Објавено на 22.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

СтрумицаПатната инфраструктура во Струмица во текот на наредната година ќе ја обновува градежната компанија „Гранит“ од Скопје. Локалната самоуправа склучи договор за изведба и асфалтирање на улици и локални патишта во рамките на општината, за што на претпријатието ќе му бидат исплатени 43.079.900 денари или околу 700 илјади евра. На распишаниот тендер учествувале две компании, при што скопски „Гранит“ понудил пониска цена за изведување на планираните активности за санација на сообраќајниците во градот и во околните рурални средини во рамки на претстојните 12 месеци.

 

Во насока на подобрување на постоечката инфраструктура и надминување на проблемите во транспортот, општина Струмица го започна и проектот за изградба на три кружни текови низ главните булевари и улици во градот. Веќе се одвиваат градежните работи на првиот кружен тек на досегашната крстосница на булеварот „Гоце Делчев“ и улицата „Младинска“ кај Анска река, а целокупните активности треба да завршат во претстојните неколку недели. Локалните власти напоменуваат дека следниот зафат за намалување на сообраќајниот метеж во градот планираат да го изведат на крстосницата на булеварот „Ленинова“ и улицата „24 октомври“ кај јавното комунално претпријатие.

 

 

» Форумска дискусија за сообраќајот во Струмица