Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и генералниот оперативен директор на холдингот „ТАВ Аеродроми“ (TAV Havalimanları Holding A.Ş.), Мурат Орнекол, денеска на аеродормот „Александар Велики“ во Скопје потпишаа сертификат за реализација на договорот за концесија меѓу турската компанија и македонската Влада, со што оперирањето со македонските аеродроми во наредните 20 години преминува во рацете на ТАВ. Со договорот за концесија ТАВ се обврза на инвестиција од 200 милиони евра, во модернизација и изградба на скопскиот аеродром „Александар Велики“ и на охридскиот „Св. Апостол Павле“. Има обврска по 10 години да изгради и карго аеродром во Штип, откако ќе биде изготвена метеоролошка студија за локацијата.
Согласно договорот за концесија, на аеродромот „Александар Велики“ за 20 месеци е предвидена изградба на нова терминална зграда од 40.000 метри квадратни (осумпати поголема од постечката), да се продолжи пистата за 500 метри (од 2,5 на 3 километри) со што на аеродромот ќе може да слетуваат сите типови авиони, да се изгради соодветен паркинг простор, пристапен пат со нова клучка, да се изврши инсталирање на системи за навигација, да се изгради потребната комунална инфраструктура, да се изврши доградба или изградба на нова административна зграда, нов карго терминал, нова противпожарна станица, нов паркинг за воздухоплови, како и набавка на нова потребна опрема за аеродромот да функционира согласно меѓународните стандарди.
На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, за 12 месеци треба да се изврши реконструкција на постоечкиот паркинг, реновирање на објектите во карго центарот, изградба на ВИП објект, пречистителна станица, реконструкција на постоечката административна зграда, набавка на нови патролни и противпожарни возила и на друга потребна опрема за аеродромот, согласно меѓународните стандарди.
ТАВ оперира со аеродроми во седум земји и опслужува 42 милиони патници годишно. Во проекциите за Македонија предвидува годишен проток од 5 милиони патници на Скопскиот и 200 илјади на Охридскиот. Досега по барање на Турците владата два пати го одложуваше стартот на концесијата, а како оправдување беше наведувана неможноста да се дојде до кредити поради глобалната финансиска криза.
Мурат Орнекол нагласи дека ТАВ соработува со над 350 авиокомпании и ќе работат на тоа да ги привлечат да оперираат на македонските аеродроми, особено за долги летови од Скопскиот. Турскиот инвеститор, како што посочи тој, веќе одлучил да ги користи услугите на домашните градежни компании, како и домашен кадар во обврските од договорот за реконструкција, изградба и управување со аеродромите.