Во новата индустриска зона во општина Шуто Оризари во иднина ќе се произведува опрема за рециклирање на отпад и третман на отпадни води. Хрватската компанија „Техникс“ денеска започна со изградба на индустриски капацитет во кој ќе вложат два милиони евра и се очекува градежните активности да завршат во рок од пет месеци. Фабриката во која е планирано да се вработат 50 лица ќе ги задоволи потребите за опрема од ваков тип на македонскиот пазар, но истовремено ќе извезува и во соседните балкански држави. „Овде најдовме свој партнер за да инвестираме заедно. Инвестицијата ќе значи иднина во делот на заштита на природата од која сите потекнуваме и мора да ја почитуваме“, истакна во својот говор Ѓуро Хорват, претседател на компанијата.
Хрватскиот производител на опрема за комунална технологија и за рециклирање, уреди за прочистување на вода, еко контејнери и опрема за нафтени деривати и плин има сопствени фирми во Романија, Хрватска, Бугарија, Австрија и Германија. „Техникс“ претставува водечки проектант, производител и сервисер на специјализирана опрема за заштита на животната околина во Југоисточна Европа.