Конечно започна изградбата на спортска сала во средното училиште „Ѓорче Петров“ во Прилеп, за која камен темелник постави во април минатата година тогашниот министер за образование Перо Стојановски. Оваа сала е дел од проектот за 145 училишни спортски сали низ државата и една од седумте кои во рамки на проектот се предвидени во Прилеп. Три од нив ќе бидат во средните училишта „Ѓорче Петров“, „Ристе Ристески Ричко“ и „Кузман Јопсифоски Питу“, а четири во основните училишта „Добре Јованоски“, „Блаже Конески“, „Климент Охридски“ и „Кочо Рацин“. Со нивна изградба, сите единаесет основни и пет средни училишта во Прилеп, со преку 14.000 ученици, ќе имаат соодветни услови за спортски активности. Изведувач на градежните работи е „Гранит“. Салите се типизирани и ќе се градат во две големини – поголемите од 1.300 метри квадратни, а помалите од 650 метри квадратни.