Скопската општина Аеродром денеска распиша повик за воспоставување на јавно – приватно партнерство за изградба на нов спортски комплекс „Јане Сандански“, кој би се градел на местото на постојната спортска сала со исто име. Комплексот треба да содржи една спортска сала со капацитет за 5.000 гледачи и една помошна сала со капацитет за 1.000 гледачи, комерцијален простор, простор за хотелско сместување со теретана и спа центар, ресторан, блок за медиуми, административен дел и амбуланта. За паркирање ќе бидат обезбедени над 500 паркинг места. Предвидената површина за градење изнесува околу 11.000 метри квадратни. Максималната дозволена висина на објектите во рамки на парцелата е 34 метри, а салата би била висока 21 метар.
Доколку постои интерес, во декември се најавува склучување на договор. Постојната спортска сала на кошаркарскиот клуб МЗТ ќе биде урната, а новиот спортски комплекс би требало да се реализира во рок од 18 месеци. Понудувачот што ќе биде избран на јавниот повик ќе треба да ги изгради објектите со сопствени сретства, кои според денешниот оглас се проценети на 7.972.737 евра. За возврат инвеститорот ќе добие концесија за стопанисување со центарот до 35 години. Инвеститорот исто така ќе биде ослободен и од плаќање комуналии.