Во очекување на првото јавно наддавање за парцели во новопланираната населба „Јака“ кај селото Марино, Општина Илинден работи на реализација на потребната инфраструктура кај локалитетот. Во тек е изградба на мост и локален пат за сообраќајно поврзување на новата населба која ќе се простира на површина од 28 хектари, а опфаќа 500 парцели за изградба на семејни куќи, трговски центар, хотелско сместувачки капацитети, забавен парк, спортски терени и простор за собири. Досега за продажба се понудени вкупно 54 парцели за домување и една парцела за изградба на хотелски комплекс, а јавното наддавање за првите 10 парцели ќе се оддржи на 12 ноември. Од Општина Илинден соопштуваат дека во наредниот период, како што ќе се подготвува техничката документација, ќе продолжат да се огласуваат и останатите градежни парцели од локалитетот „Јака“.