Претходна статија
Зголемена добивката на „Гранит“ и „Бетон“ во првите девет месеци од годинава
Следна статија
GEZE ќе одржи презентација во Македонија

Странските пазари и понатаму недостижни за македонските градежници

Објавено на 02.11.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Македонските градежни компании го продолжуваат негативниот тренд на намалено присуство на традиционалните странски пазари преку реализација на градителски проекти. Државниот завод за статистика денеска ги објави резултатите од договорените и извршените градежни работи надвор од земјава за првите девет месеци од 2012 година, во кои се истакнува дека домашната оператива извела градежни активности во вредност од 724.552.000 денари или за 58,6% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Во периодот јануари – септември 2012 година е забележан зголемен обем на реализација на проекти во Италија, Холандија и Германија, додека во останатите земји се намалуваат извршените градежни активности.

 

Во статистичкиот извештај се констатира значителен пораст од 147,1% на вредноста на договорените градежни работи во странство во идентичниот временски период, при што истата изнесува 5.141.752.000 денари. Како нови пазари за македонските градежници се јавуваат Босна и Херцеговина, Швајцарија и Србија. Сепак, клучен фактор во позитивниот исход карактеристичен за летните месеци е добивањето на меѓународниот тендер за автопатот од Бања Лука до Добој во вредност од 180 милиони евра од страна на компанијата „Гранит“, која на терен ќе ги изведува активностите во соработка со босанската компанија „Интеграл инженеринг“. Присуството на домашната градежна оператива на градителски проекти надвор од земјава континуирано се намалува во текот на последниве две години. Статистичките податоци за 2011 година покажуваат дека извршените градежни работи во странство се намалиле за 11%, додека кај ново склучените договори е констатиран пад од 39% во споредба со 2010 година.