По раскинувањето на договорот со хрватската компанија „Конструктор“ и застојот од речиси две години, денеска започнаа градежните активности за изградба на „Свети Климентовиот универзитет“. Управата за заштита на културното наследство како изведувачи на дел од планираните објекти ги избра „Митан пром“ од Охрид и „МЗТ инженеринг“ од Битола. Проектот ќе се реализира во фази, при што најпрвин ќе се работи на просторот западно од црквата на Плаошник со подигање на Музејот на Плаошник, Свети Климентовата библиотека и други објекти предвидени од првата фаза. Надлежните информираат дека нема никакви измени во досегашната планска документација, освен што нејзиното остварување ќе се одвива во етапи во согласност со финансиските можности на инвеститорот.
Почетната фаза е предвидено да се реализира во период од 16 месеци. При крајот на изградбата на првичните објекти, од Управата за заштита на културното наследство ќе распишат дополнителен тендер за изградба на Галеријата на икони, Факултетот за теолошки уметности и Резиденцијалниот монашки комплекс кои се зацртани во следната фаза. Целокупните активности за изведба на проектот ќе завршат најдоцна до 2016 година, при што за изградбата на објектите ќе се одвојат 24 милиони евра, кои не се конечни и би можеле да се зголемат во иднина. За успешно реализирање на градежните активности на локалитетот ќе биде изграден алтернативен пат покрај Самоиловата тврдина, со цел да не се оштетат околните куќи и улиците од стариот дел на Охрид.
Официјалниот старт на изградбата на „Свети Климентовиот универзитет“ беше во септември 2010 година, а ветувањата на надлежните институции беа дека до крајот на оваа година ќе се комплетираат карабините зданијата. Наместо првичните најави, просторот околу црквата на локалитетот Плаошник се огради и се оневозможи непречениот проток на посетителите, но и покрај тоа хрватската компанија „Конструктор“ воопшто не ги започна изведбените работи. Одговорните лица од управата го раскинаа потпишаниот договор поради недоставување банкарска гаранција, непостапување по забелешките на надзорниот орган и неисполнување на повеќе обврски од договорот. Поради ваквиот расплет, беше распишан нов тендер на кој победија двете македонски фирми.