Денеска во главниот град беше пресечена црвена лента за втората завршена зграда од проектот „Скопје 2014“ – новото Министерство за надворешни работи кое се наоѓа на левиот брег на Вардар, веднаш до мостот „Слобода“ [»мапа]. Објектот е висок 27 метри, има две подземни нивоа, приземје, седум ката и рамна тераса, и располага со вкупна површина од околу 13.500 метри квадратни. Конструктивниот систем претставува просторна армирано – бетонска рамовска конструкција во двата ортогонални правци. Во внатрешноста на зградата има четири вертикални комуникациски јадра, а над ВИП фоајето има празен простор на првиот кат, кој го сече мост за комуникација.
Новото седиште на МНР е украсено со бројни скулптури, од кои на покривот се поставени 37 кои се посветени на истакнати личности од светската дипломатија, додека на фасадата и на влезниот трем има вкупно уште 40-тина скулптури на кои се претставени традиционални облеки од Македонија и Европа. Рамната тераса на покривот е оградена со ограда од ковано железо над завршниот венец. На зградата доминира централна армирано – бетонска купола со голем јарбол, а од двете нејзини страни има две помали куполи кои овозможуваат влез на дневна светлина во внатрешноста на објектот.
Како автори на идејното решение за новото МНР најпрвин се спомнуваа Благоја и Лидија Стојаноски, додека според денеска соопштените информации, како автори фигурираат Лидија Стојаноска и вајарката Валентина Каранфилова Стевановска. Активностите на терен за изградба на објектот стартуваа пред речиси три години. Изведувач на градежните работи беше скопски „Бетон“, а надзорот го вршеше „Евро Консалтинг“. Според премиерот Никола Груевски, во изградбата биле потрошени 13,5 милиони евра, но телевизијата „Алфа“ пренесува дека според податоците на бирото за јавни набавки, без мебелот и осветлувањето, зградата и декорациите на фасадата чинат околу 19,5 милиони евра.
» Форумска дискусија за овој проект