Катна гаража ќе се гради на локација до некогашното седиште на НИП „Нова Македонија“, спроти новиот Цветен пазар во населбата Капиштец [»мапа]. Локалната самоуправа на Центар распиша тендер за избор на најповолен понудувач за реализација на идниот гаражен објект на седум ката. Јовица Ацковски, портпарол на Општината вели дека вкупната површина на објектот треба да изнесува 7.190 метри квадратни, од кои 6.112 ќе бидат бидат наменети за паркирање, додека преостанатите 1.078 метри квадратни се предвидени за деловен простор. Јавното отворање на доставените понуди ќе се одржи во просториите на Општината на 2 ноември, по што ќе се знае и конкретната висина на финансиски средства кои ќе се одвојат за овој проект. Од Општина Центар напоменуваат дека инвестицијата ќе се реализира со средства од локалниот буџет и преку подигање на кредит за проектот.
Идната катна гаража ќе има простор за паркирање на 190 возила. Потребната документација за објектот веќе е комплетирана, а од Општината истакнуваат дека надворешниот изглед на зданието ќе биде во стилот на проектот „Скопје 2014“. „Инвестирањето во катни гаражи во сите централни општини во светот, немаат за цел да носат екстра приходи во буџетот, туку да одговорат на потребите на граѓаните во тесните грла каде што се јавува проблем со паркинг просторот“, нагласува во изјава за „Билд“ Јовица Ацковски, портпарол на Општина Центар. Гаражата спроти Цветниот пазар ќе биде деветтиот објект од овој тип што е предвиден во централното градско подрачје. Локалната самоуправа на Центар веќе ја привршува катната гаража што се гради помеѓу седиштето на Македонската радио – телевизија и комплексот на судови.