Саботната вечер од Скопската недела на архитектура ја одбележа доделувањето на посебното признание за животно дело во областа на архитектурата и урбанизмот на познатиот јапонски архитект и универзитетски професор Кенго Кума. Организаторите на манифестацијата ја иницираат оваа награда, која во наредните години треба да прерасне во традиционален чин на благодарност кон професионалците кои оставиле белег на светската архитектонска сцена. „Секој вреден допринос во архитектурата треба да биде признаен. Името Кенго Кума е поврзано со едно име кое на сите нам ни значи многу – Кензо Танге. Професорот Кума на Универзитетот во Токио го води она што на времето беше познато како лабораторијата на Танге, од каде што произлезе концептот за реконструкција на централното градско подрачје на Скопје после земјотресот од 1963 година. Денеска таа лабораторија го носи името на професорот Кенго Кума“, истакна во свечениот говор Иван Мирковски, член на организацискиот одбор на Скопската недела на архитектура.
Во присуство на бројни посетители на големата сцена на Македонската опера и балет, еминентниот архитект Кенго Кума одржа предавање со кое се наврати на работата на неговото биро Kengo Kuma & Associates и ги претстави препознатливите проекти, кои оставија впечатлива трага на светската архитектонска сцена. Никулците од кои произлегуваат финалните дела на Кума се пронаоѓаат во околината што ја одбрал за интервенција. Тој напомена дека ја црпи инспирацијата од пејсажите кои се препознатливи за регионите во кои делото треба да се лоцира.
Природните материјали карактеристични за непосредната околина на средината во која е планиран објектот се вдахновение на архитектот Кума. Почитувајќи ја средината во која твори, Кума објасни дека ги избира даровите од природата како носечка структура во самото здание, а не како финална декорација на објектите во кои е вградено масовно количество на индустриски градежни производи. Тој истакна дека во огромен дел од неговите објекти, главен материјал е дрвото, каменот и водата, а подеднакво им се посветува како на големите проекти, така и на еден сад од оризова хартија. „Човекот не може да биде одделен од природата, токму затоа што природата е она што е неизмерна инспирација“, нагласи Кума.
Јапонскиот архитект накратко се задржа на дел од познатите архитектонски креации кои ја одбележаа неговата досегашна професионална кариера. Во предавањето пред скопската публика тој ги издвои бравурозните зданија: Yusuhara Wooden Bridge Museum, Besançon City of Arts and Culture, FRAC Marseille, Dazaifu Starbucks coffee shop, Asakusa Culture and Tourism Center, Yusuhara Wooden Bridge Museum и впечатливиот GC Prostho Museum Research Center. На крајот од предавањето, Кума констатираше дека градителските елементи кои се премногу големи и тешки не можат да се употребат во создавањето на иновативни зданија, препорачувајќи и на архитектонската фела да се насочи кон малите елементи, со чија помош може да се дизајнираат напредни решенија.
Професорот Кенго Кума на средбата со новинарите говореше за неговите досегашни идејни трудови за интервенција во просторот. „Во основа, сметам дека архитектурата треба да го допре тлото. Секогаш неа да ја комбинирам со архитектурата. Огромните објекти претставуваат голема потешкотија, бидејќи го уништуваат постоечкиот контекст на локацијата. Лично ги преферирам малите проекти и интервенции“, напомена тој. На новинарското прашање за сопствениот стручен став кон урбанистичкиот план за реконструкција на центарот на Скопје на архитектот Кензо Танге, тој истакна дека отсекогаш се восхитувал на неговото чувство за јавен простор. „Во проектот за Скопје, Танге го нагласува центарот на градот преку ползување на оски и кули, што предизвикува воодушевување кај мене. Сепак, градителскиот дизајн осмислен со употреба на бетонот претставува карактеристика на дваесеттиот век позади нас. Во времето во кое живееме треба да пронајдеме поинакво решение, кое се однесува на обликот на зданијата“, нагласи архитектот Кенго Кума.