Претходна статија
МЕПСО вложува во сноу - борд паркови на Пониква и во Крушево
Следна статија
Министерството за животна средина нема ништо против изградбата на ХЕ „Бошков мост“

Проектот „Скопје 2014“ го узурпира јавниот простор

Објавено на 13.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Скопска недела на архитектурата 2012Масовната изградба на објекти во неокласицистички архитектонски стил во центарот на Скопје беше главната тема на анализа на вчерашните ноќни разговори на архитектите, тркалезна маса која во рамките на вториот ден од Скопската недела на архитектура се одржа во Македонската опера и балет. Странските архитекти и универзитетски професори упатија низа критики кон проектот „Скопје 2014“, насочувајќи го своето внимание кон концентрацијата на неокласицистички објекти во непосредна близина на модернистичкото здание на Македонската опера и балет и на Кејот на реката Вардар. Маркус Томасели, универзитетски професор од Институтот за урбан дизајн и пејсажна архитектура при Техничкиот Универзитет во Виена, истакна дека е изненаден од напредокот во реализацијата на владиниот проект, именувајќи го како „декорирање“ на Скопје.

 

„Сокривањето на модернистичките објекти зад неокласицистичките фасади долж реката Вардар, поставувањето на огромни споменици кои го создаваат или пак го креираат националниот идентитет ме поттикнува да го поставам прашањето дали воопшто сето ова треба да ја интересира архитектурата“, истакна професорот Томасели. Архитектот Харис Пиплас како претставник на „Урбан Тинк Тенк“ од Цирих напомена дека архитектурата претставува материјализација на состојбата во едно општество, што не претставува исклучок со проектите кои во моментов се развиваат во градовите, како што се Скопје, Тирана, Сараево или Белград.

 

Скопска недела на архитектурата 2012„Основата на урбанизмот е подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, што претставува целосна спротивност од оградувањето на седиштето на Македонската опера и балет“, изјави словенечкиот архитект Деан Лах од љубљанското студио „Енота“. Архитектите вклучени во дебатата се согласија дека изградбата на објекти не е толку важна од аспект на развитокот на еден град, колку што е битна нивната поставеност во околината. Универзитетскиот професор Штефан Бергер го постави прашањето дали новите згради од „Скопје 2014“ нудат можност за натамошен развиток на јавната сфера во општеството. Архитектот Пиплас го спореди искуството од Скопје со случајот на интензивниот развој на Шангај и на размислувањата на жителите од овој кинески метрополис кои терминот јавно учество на граѓаните во ваквиот развиток го дефинираат како објавување на новите урбанистички планови на интернет од страна на владата.

 

Учесниците во дебатата се согласија дека постојат пошироки корени од кои извира проектот „Скопје 2014“, кои се поврзани не само со балканскиот, туку и пошироко со глобалниот контекст во кој се наоѓа архитектурата денес. Деан Лах напомена дека на балканските простори сеуште се зачувува традиционалната поделба на архитектурата и урбанизмот како две одделни сфери на дејствување, што доведе до реализација на „Скопје 2014“ како застарен модел на работење. Втората круцијална карактеристика е состојбата со положбата на архитектите во современото општество, која ги стратифицира како помалку влијателни личности при реализацијата на проектите во споредба со ситуацијата од пред неколку децении. Архитектите се согласија дека од објектите кои никнуваат во централното подрачје на македонската метропола претставуваат грешка од која треба да се учи во функција на идна изработка на поквалитетни планови од страна на архитектите и планерите на градовите.

 

Скопска недела на архитектурата 2012Покрај актуелниите размислувања за проектот „Скопје 2014“ за време на ноќните разговори на архитектите, на втората вечер од Скопската недела на архитектурата посетителите ја имаа можноста да се запознаат со дел од проектите на архитектонското студио „Урбан Тинк Тенк“, кои се овогодинешни добитници на „Златен лав“ за најдобар проект на престижното Венециско биенале на архитектурата. Харис Пиплас како претставник на организацијата ги претстави извршените архитектонски интервенции во фавелите на јужноамериканските градови Каракас и Сао Паоло. Говорејќи за растечкиот наталитет на жителите од мегалополисите лоцирани во државите во развој и во земјите од Третиот свет, тој ја објасни потребата за решавање на напластените проблеми на жителите од сиромашните квартови на овие метрополи кои се соочуваат со супстандардни услови за живот. Пиплас го претстави проектот за изградба на жичарница со мултифункционални станици кои обезбедуваат ефикасен јавен превоз за граѓаните од фавелите во венецуелскиот главен град Каракас, но и за изведба на спортско – рекреативни центри во рамки на неурбанизираните заедници во бразилскиот град Сао Паоло.

 

Во рамките на петочната програма од манифестацијата, со свое предавање се претстави атинското архитектонско студио „Буергер Катсота“, а сопствена презентација одржа и „Дот Архитекти“ од Скопје кое се задржа на експликација на архитектонскиот труд за реконструкција на одделенијата во Градската општа болница „8 – ми Септември“ во Скопје. Неделата на Архитектурата официјално беше отворена во четвртокот со предавањето за градот Охрид на австрискиот професор Ерих Рајт и со говорот на австрискиот амбасадор во Македонија Томас Мајкл Баер. Неколкудневното случување продолжува денеска со гостување на еминентниот јапонски архитект Кенго Кума, на кого организаторите на настанот и Јапонската културна фондација во Виена ќе му врачат посебно признание за животно дело во областа на архитектурата и урбанизмот.