Претходна статија
Проектот „Скопје 2014“ го узурпира јавниот простор
Следна статија
Квалитетна оплата - предуслов за квалитетна градба

Министерството за животна средина нема ништо против изградбата на ХЕ „Бошков мост“

Објавено на 13.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми донесе решение со кое се дава согласност за спроведување на проектот за изградба на хидроелектраната „Бошков Мост“ во Националниот парк „Маврово“. Во публикуваниот оглас, објавен во дневниот печат, се нагласува дека Студијата за оценка на влијанијата врз животната средина на проектот, кој треба да се реализира на територијата на општината Маврово и Ростуше и на општината Дебар, ги задоволува барањата за заштита на животната средина со примена на мерките за спречување и за намалување на штетните влијанија врз животната средина. Во моментов тече и законскиот рок за поднесување на жалба на одлуката на министерството до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

 

 

 

 

Во меѓувреме, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) треба да излезе со финалните резултати од анализата на веќе заокружените еколошки процедури, со цел да се утврди дали имало прекршувања при процесот на одлучување за проектот. Центарот за истражување и информирање „Екосвест“ од Скопје веќе поднесе жалба до Механизмот за поплаки при банката, со образложение дека ЕБОР не смее да финансира проекти кои се градат во „критични“ области, каков што е географскиот регион на планината „Бистра“, на чие ограничено подрачје живее балканскиот рис. Токму за овој заштитен животински вид говори и германскиот документарен филм „Во срцето на Балканот – Барајќи го рисот“ на режисерката Корнелија Фолк, во кој таа на кратко се осврнува и на можниот ефект од изградбата на идната хидроелектрана. Во летните месеци со сопствена реакција за проектите „Бошков мост“ и „Луково поле“ се јави и Петр Хлобил, директорот на меѓународната организација „Банквоч“, во која тој напомена дека е игнорирано влијанието на енергетскиот објект врз рисот.

 

Хидроелектраната „Бошков мост“ е предвидено да биде со инсталирана моќност од 70 MW и годишно да произведува околу 126 GWh електрична енергија. Вредноста на проектот изнесува 107 милиони евра, а финансиските средства се обезбедени од ЕБОР и од Електрани на Македонија (ЕЛЕМ). Овој енергетски објект нема да може да ги реши проблемите поврзани со енергетската глад на земјава. За споредба мавровските хидроелектрани генерираат околу 445 GWh годишно.