Евидентираните негативни состојби и потешкотии при изградба на објекти од јавен интерес ќе се средуваат со новите измени во Законот за градење, предложен од страна на македонската влада и Законот за експропријација на земјиштето, кој во моментов се наоѓа на расправа во собранието. Со идните членови од Законот за градење ќе се пропише обврска за изведувачите на објекти за обезбедување на уредна документација за градежниот материјал што се употребува на градилиштата. Компаниите ќе бидат должни да обезбедат докази за песокот, чакалот и градежно – техничкиот камен што го користат при подигнувањето на објектите. Намерата на владата е да се стави крај на нелегалното експлоатирање на ваквиот градежен материјал на територијата на земјава. Градежните инспектори во иднина ќе бараат докази за потекло на материјалите, при што доколку се констатира непотполна документација, се предвидуваат казни за изведувачите во износ од 15.000 до 17.000 евра, за одговорното лице од 9.000 до 11.000 евра, додека за одговорните инженери од 7.000 до 9.000 евра.
Во меѓувреме, во собраниска процедура влезе новиот Закон за експропријација на земјиштето, со кој на централната власт и локалните самоуправи им се дава можност на полесен начин да ја преземат сопственоста на градежните парцели, на кои е предвидена изградба на објекти од јавен интерес. Доколку се усвои сегашниот предлог, тогаш во иднина ќе може да се експропреира приватното земјиште без да се обештети нивниот сопственик и ќе се надминат сегашните потешкотии поврзани со одолговлекувањето на реализацијата на крупните инфраструктурни проекти од значење за целата земја. Наспроти мислењата на владиното мнозинство, опозиционите партии во парламентот стојат на ставот дека измените на сегашниот закон го прекршуваат загарантираното право на приватна сопственост, напоменувајќи дека новините се критикувани од Европската комисија и од Европската енергетска заедница.