Во индустриската зона „Раброво“, во близина на Валандово, ќе се произведува текстил наменет за извоз. Денеска се отворени првите два производствени капацитета во зоната, реализирани од страна на македонската компанија „Дока текстил“ и на групацијата „ДМИСС“. Во фабриките се вложени 2,5 милиони евра и во нив работа ќе обезбедат околу 300 лица од валандовскиот регион. Индустриските објекти се изградени на земјиште кое државата го понуди на јавно наддавање пред две години. Со успешното остварување на овие проекти, во индустриската зона „Раброво“ започнува циклусот на инвестиции што треба да следуваат во наредниот период.
Според информациите на градоначалникот на Валандово Николче Чурлиновски, во зоната се продадени сите 48 парцели. Доколку се изградат сите производствени погони, тогаш само по основа на вложување во градежните активности во зоната се очекуваат да влезат 15 милиони евра. Во индустриската зона „Раброво“ во наредниот период се очекува да финишираат работите врз осум нови објекти, меѓу кои погони за производство на сончеви колектори, флаширање вода, изолациски панели, урбана опрема и фабрика за конзервирање зеленчук. Целото земјиште при продажбата беше наменето за лесна индустрија, сервиси и стоваришта.