Не поминаа ниту три месеци, а Нацртот на Генералниот урбанистички план на главниот град за периодот 2012 – 2022 година во изменета верзија повторно се изгласа од страна на Советот на Град Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски на денешната седница објасни дека бројните забелешки и барања на општините довеле до повторување на целокупната постапка од почеток. „Направивме една консултација на координативното тело со нив и констатиравме дека е подобро да го пролонгираме рокот за донесување на ГУП – от за еден месец“, истакна градоначалникот Трајановски. Новата нацрт – верзија ја задржува идејата за поделба на градот на 11 градски зони и 143 градски четврти, но и определбата главниот град да не ги шири своите граници.
Наспроти првичната верзија, дел од тогаш предвидените индустриски локации се пренаменуваат за домување и комерцијални дејности. Изгласаниот документ ги содржи реакциите во однос на изнаоѓање поквалитетни сообраќајни решенија, со кои ќе се исцртаат идните проекти кои би требало да го решат постоечкиот метеж во градскиот транспорт. Опозициските советници од Социјалдемократскиот сојуз ја искажаа својата воздржаност во однос на новата верзија за Нацрт – планот за ГУП-от, а дел од нив изнесоа конкретни забелешки во однос на истиот. Следен чекор во постапката за подготовка на Генералниот урбанистички план е повторно организирање на стручна расправа, која дополнително треба да биде закажана. Ако активностите се одвиваат во согласност со сегашната динамика, тогаш кон крајот на октомври треба да биде усвоен стратешкиот документ за урбанистичкото планирање на главниот град за наредните 10 години.
Токму забрзаното темпо на работа е главниот недостаток на кој укажуваат експертите во изминатиов период. Претседателската на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Даница Павловска веќе упати апел за да се овозможи период во кој ќе се преиспита изготвениот материјал, како и стручно да се дебатира за дел од неговите теми. „Предвидената процедура според важечкиот систем на просторно и урбанистичко планирање се следи како законска обврска, но низ несоодветни форми, со нелогично одминување на хиерархиски повисокиот стратешки Просторен план на регионот и со необјасниво куси рокови“, истакна претседателката Павловска во неодамнешното интервју за „Билд“.