„Топлификација“ може да добие сериозна конкуренција во производството и дистрибуцијата на топлинска енергија во главниот град, доколку се остварат ветувањата на „Електрани на Македонија“ за проширување на постоечката мрежа во населбите Чаир и Бутел. Веќе е изработен идеен проект за нов топловоден систем за овие населби, а до крајот на 2012 година се очекува да се заврши и основниот проект. Од компанијата очекуваат дека со изградбата на потребната инфраструктура ќе се зголеми интересот за приклучување на домаќинствата од овие делови на Скопје. Дел од станарите во континуитет бараат од сегашниот систем на „Топлификација“ да се приклучат на топловодниот систем на комбинираната термоелектрана – топлана „Енергетика“ на ЕЛЕМ, лоцирана во кругот на скопската железарница.
Предностите на конкурентскиот начин на обезбедување топлинска енергија се поволни за индивидуалните домаќинства. Цената на услугата изнесува 40 денари за метар квадратен и е пониска за 20 до 25 отсто од онаа на Топлификација, при што на граѓаните им се испорачува топлинска енергија во период од 24 часа во текот на грејната сезона. Подружницата на ЕЛЕМ досега снабдува со греење 2.170 домаќинства и 72 јавни објекти од населбата Автокоманда, како и од населбите Железарница, Триангла, Хиподром и Маџари. Покрај во главниот град, државната компанија во моментов работи и на реализација на проектот за одведување на топлинската енергија од РЕК „Битола“ до општините Битола, Новаци и Могила.