Веќе подолго од еден месец Свети Николе добива квалитетна вода за секакви потреби, а денес нејзината бактериолошка и хемиска исправност беше потврдена и од Институтот за јавно здравје. Со ова се укина забраната за употреба која во 2002 година ја изрече претходникот на институтот, тогашниот Републички завод за здраствена заштита. Забраната беше поради присуство на канцерогени материи во водата на реката Брегалница која дотогаш ја користеше Свети Николскиот водовод. За овие повеќе од седум години градот се снабдуваше со вода за пиење која се носеше од соседниот Штип со цистерни.
Проблемот се надмина со комбинација на водите од новите бунари и од регионалниот хидросистем „Злетовица“. Свети Николе е првиот град кој ги почуствува благодатите на хидросистемот кој треба долгорочно да го реши водоснабдувањето уште во уште пет општини во источна Македонија (Штип, Карбинци, Лозово, Пробиштип и Злетово), а исто така треба да обезбеди и вода за наводнување на околу 4.000 хектари земјоделски површини и производство на 56,4 гигават часови електрична енергија.