Македонски железници – Транспорт планира да го осовремени сопствениот возен парк со 4 дизел моторни гарнитури, 2 електро моторни гарнитури, 150 товарни вагони, но и да осовремени дел од постоечките електрични локомотиви. Постапката за набавка на новите превозни средства веќе е започната, но точни и прецизни рокови сеуште не се утврдени. Од државната компанија очекуваат дека процесот за објавување на меѓународен тендер и постапката за избор на производител ќе започне во последниот квартал од 2012 година, а рокот на испорака на возовите и товарните вагони ќе зависи од многу фактори, меѓу кои и подготвеноста на компаниите тие да се изработат во најбрз можен рок. Во соработка со меѓународен консултант, во претстојниот период ќе се определат критериумите за избор на најповолен понудувач и техничките карактеристики на идниот возен парк.
Целокупниот проект е предвидено да се реализира во соработка помеѓу МЖ – Транспорт, македонската влада и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), која ќе обезбеди поволен кредит за модернизација на капацитетите на државното железничко претпријатие. Во меѓувреме, од железница потенцираат дека паралелно работат на неколку проекти кои би го подобриле железничкиот сообраќај во земјава. „Со сопствени средства се модернизирани две неисправни патнички дизел моторни гарнитури, од кои едната е веќе во сообраќај под име „Хераклеа“, а другата се очекува најдоцна за 1 месец да биде пуштена во сообраќај. Овие гарнитури се со нови мотори и преносници, систем за видео надзор, систем за детекција на пожар, кражби, информативен систем за најава на станици и систем за аудио – визуелно анимирање на патниците. Гарнитурата која ќе биде пуштена во сообраќај ќе има и нов вграден уред за ладење и греење“, истакнува за „Билд“ Кире Диманоски, директор за маркетинг и продажба во МЖ – Транспорт.
Со стапувањето на новиот возен ред во декември 2012 година, македонските граѓани ќе ја имаат можноста по електронски пат да резервираат места во патничките возови низ цела Европа со договорот кој е склучен со Германските железници. Воведен е интегриран информатички систем за железници со кој на корисниците на товарниот сообраќај им се овозможува низа погодности, како што е: електронскиот товарен лист, електронското следење на вагони и електронската товарница. Во изминатиот период активно се работело на реновирање на патнички вагони и на воведување видео надзор во депото Лисиче.