Претходна статија
Нов кредит за РЕК „Битола“
Следна статија
Старата чаршија во Скопје блесна со ново осветлување

Два хотела и индустриски објект ќе се градат покрај аеродромот „Александар Велики“

Објавено на 24.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Општина Петровец на денешната електронска лицитација успешно ја спроведе продажбата на три градежни парцели во мултифункционалната зона „Ќојлија“, во непосредна близина на скопскиот аеродром „Александар Велики“. Приватните инвеститори ќе градат два хотелски комплекса кај новоотворената клучка за пристап кон аеродромот, а се пронајде и заинтересирана компанија за земјиштето наменето за индустриски објект, но засега не се соопштуваат имињата на купувачите.

 

На првата локација со површина од 16.246 метри квадратни е зацртан хотел со висина од 25 метри, односно приземје и шест ката. Урбанистичкиот план предвидува и компатибилна класа на намена за мали комерцијални и деловни дејности. Најповолниот понудувач ќе треба да и исплати на општината вкупно 2.144.472 денари, поточно околу 35.000 евра.

 

 

 

 

Вториот хотелски комплекс со иста висина и иста компатибилна класа на намена ќе се гради во близина, но на помала градежна парцела од 7.569 метри квадратни. Идниот инвеститор на локалната самоуправа од Петровец за земјиштето ќе треба да и плати 2.263.131 денари, односно околу 37.000 евра. На третата отуѓена локација со површина од 8.832 метри квадратни е планирано да се гради објект за лесна и незагадувачка индустрија со максимална висина од 12 метри, исто така со компатибилна класа на намена за мали комерцијални и деловни дејности. Од купувачот во општинската каса ќе се слеат 1.165.824 денари или околу 19.000 евра.

 

Најповолните понудувачи треба да обезбедат градежна дозвола во период од 12 месеци по потпишувањето на договорот, додека хотелските комплекси и индустрискиот објект треба да ги финализираат во рок од 72 месеци по прибавувањето на одобрението за градење. За 30 август е закажано уште едно електронско јавно наддавање на огромна градежна парцела со површина од 483.343 метри квадратни во мултифункционалната зона, со најава дека таму ќе се гради логистички центар. Атрактивната зона „Ќојлија“ се простира на површина од 196 хектари и е лоцирана долж автопатот од Коридорот 10, на само 500 метри од аеродромот „Александар Велики“ и на 10 километри од железничкиот Коридор 10.