Премиерот Никола Груевски денеска го пушти во употреба новиот систем за отпепелување во РЕК „Осломеј“ – Кичево. Со него се предвидува да се надмине проблемот со пепелта што се јавува како нус – појава при производството на електрична енергија со користење на јагленот како основно гориво, со што ќе се овозможи чиста и здрава животна средина за околното население. „Досегашното депонирање на пепелта се вршеше со технологија на суво отпепелување на депонијата што се наоѓа на ридот над термоелектраната. Денес, со новиот еко – систем транспортот до депонијата во рудникот „Осломеј – исток“ на растојание од околу четири километри ќе се врши со водено отпепелување, односно со хидрауличен систем ќе се пренесува низ затворен систем на цевки“, истакна директорот на ЕЛЕМ Влатко Чингоски.
* извор: Влада на РМ
Вкупната инвестиција во овој проект изнесува 4,7 милиони евра, а активностите на терен ги изведуваше компанијата „Енергоинвест“ од Сараево. Во РЕК „Осломеј“ на годишно ниво се добиваат околу 300.000 тони пепел и згура при процесот на согорување на јагленот. Термоелектраната е пуштена во употреба во 1980 година, има инсталирана моќност на блокот од 125 мегавати и годишно производство од околу 700 гигават часови електрична енергија, односно околу 9 отсто од вкупното производство во Република Македонија.