Претходна статија
ТЕМА: Македонските аеродроми со највисок пораст на бројот на патници на Балканот
Следна статија
4,7 милиони евра за систем за отпепелување во РЕК „Осломеј“

Коридорот 8 мрдна од мртва точка

Објавено на 21.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Сју Барет и Зоран Ставрески при потпишувањето на договорот (извор: Влада на РМ)Денес беше ставен потпис на договорот со кој Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) на Република Македонија и додели заем од 46,4 милиони евра со кои ќе се рехабилитира пругата од Куманово до Бељаковце, во должина од 30,8 километри. Оваа пруга е дел од источната делница на Коридорот 8, односно првата секција од планираното железничко поврзување на Македонија со Бугарија. Рокот за отплата на кредот е 15 години со грејс период од четири години и каматна стапка базирана на шестмесечен „ЕУР ЛИБОР“ плус еден отсто, која во моментов изнесува 1,7 отсто. Директорката за транспорт во ЕБОР Сју Барет истакна дека ставењето во функција на железничкиот коридор 8 е од стратешки интерес за државава, дека ќе отвори нова трговска рута и ќе ја подобри регионалната интеграција во полза на растот на Македониа и нејзините соседи. Со тоа се очекува да се стимулира и регионалната економија, бидејќи протокот на транспортот ќе биде полесен, истакна Барет.

 

Делницата Куманово - БељаковцеНајавено е дека тендерот за избор на градежна компанија која ќе го реализира проектот ќе биде распишан кон средината на септември, додека градежните работи би требало да почнат во првиот квартал на 2013 година и да завршат во 2017 година. Работите ќе ги координираат Министерството за транспорт и врски и „МЖ – Инфраструктура“. Планираната рехабилитација на пругата ќе опфати замена на шините и праговите како и санација на мостовите. На железничката траса од Куманово до Бељаковце се предвидени вкупно девет станици и стојалишта, а Куманово ќе добие уште една железничка станица – „Перо Чичо“, која е значително поблиску до центарот на градот.

 

Проектот е поддржан и со грант во износ од четири милиони евра, обезбедени преку програмата на ЕУ за инвестиции во Западен Балкан, a наменети за изработка на проектната документација, подготовка на тендерот и помош при имплементација. Со проектот ќе се воведе и енергетски менаџмент систем, што ќе биде поддржано со грант од 175 илјади евра од CEI (Централно европската иницијатива).

 

Според министерот за транспорт, Миле Јанакиески, Владата продолжува со ангажман околу обезбедување пари и техничка документација за останатите делови од пругата. Веќе се обезбедени финансии за консултант што ќе помага во изработка на проектите за сегментот помеѓу Бељаковце и Крива Паланка, а министерството има поднесено и барање за два милиони евра од ИПА фондовите, за изработка на основен проект за сегментот од Крива Паланка до бугарската граница.

 

 

» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8