Поволни финансиски извештаи поврзани со обемот на работа и добивката пристигнуваат од двете најголеми македонски компании во градежниот сектор. „Гранит“ од Скопје ја зголеми нето добивката за 56 отсто во првите шест месеци од 2012 година во споредба со истиот период лани, при што за реализираните активности се наплатени 172 милиони денари или околу 2,8 милиони евра, наспроти минатогодишните 110 милиони денари. Оперативните приходи на претпријатието бележат пад од 20 отсто и изнесуваат 2,52 милијарди денари, но намалување од 21 отсто е констатирано и кај оперативните расходи кои се наоѓаат на ниво од 2,42 милијарди денари во првата половина од тековната година. За одбележување е и забележаниот пад на добивката од странските пазари за дури 79 отсто во споредба со истиот период од 2011 година. Последните информации за учество на „Гранит“ во изградбата на автопатската делница од Прњавор до Добој во Босна и Херцеговина, во вредност од 180 милиони евра, се единствената моментална позитивна вест која би довела до подобрување на активностите на компанијата надвор од Македонија.
* изведувањето на објекти од проектот „Скопје 2014“ им носи добивка на „Гранит“ и „Бетон“
Првите шест месеци од 2012 година носат позитивни резултати и за претпријатието „Бетон“ од Скопје. Нето добивката од извршените градежни работи изнесува 36,1 милиони денари или околу 590.000 евра, што подразбира раст од 11 отсто во однос на идентичниот период од минатата година. Оперативните приходи се зголемени за 5 отсто и ја достигнаат вредноста од 1,02 милијарди денари, додека оперативните расходи пораснале за 6 отсто и се наоѓаат на ниво од 980,3 милиони денари. Од компанијата „Бетон“ очекуваат натамошно зголемување на профитот во текот на наредните шест месеци од оваа година. „Во наредниот период, земајќи ја во предвид зголемената активност на пазарот, инвестициите во градежништвото, најавите за зголемени инвестиции во нискоградбата и хидроградбата, се очекува да се зголеми нивото на остварениот финансиски резултат од работењето“, се истакнува во документот кој го бележи финансиското работење на градежната фирма.