Денес беше отворен за сообраќај проширениот и реконструиран сегмент од булеварот Св. Климент Охридски во Скопје, на потегот помеѓу булеварот Партизански одреди и улицата Димитрије Туцовиќ, во должина од 350 метри. На отворањето присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски. Проектот го реализираше градежната компанија „Гранит“, а го финансираше Градот со 30,5 милиони денари, односно околу половина милион евра.
Сообраќајницата е проширена со по една коловозна лента од двете страни (кон средишното зеленило), со што се добиени вкупно шест коловозни ленти, широки по 3,5 метри. Странично се изведени бехатонски тротоари и велосипедски патеки, а во средишниот дел е оформена жардиниера од префабрикувани елементи со површина од 867 метри квадратни, во која е засадена трева и околу 3.000 цвеќиња – петунии и бегонии. Градоначалникот Трајановски вети дека во средишниот појас на булеварот наесен ќе бидат засадени и 40 листопадни декоративни дрвја.
Градот Скопје минатата година по сличен терк го прошири булеварот Св. Климент Охридски и на потегот од крстосницата со улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до крстосницата со булеварот Партизански одреди во должина од 524 метри, за што беа одвоени околу 37 милиони денари.
» Форумска дискусија за овој проект