Претходна статија
Се поставуваат скулптурите на Мостот на уметноста, во Жена - парк поставен споменик и на Питу Гули
Следна статија
Статистика бележи раст на предвидените станови и на одобренијата за градење во јуни

Дебакл на македонските градежни компании на странските пазари

Објавено на 09.08.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Речиси е сигурно дека актуелната 2012 година ќе биде најлоша за македонските градежни компании во однос на настапот на странските пазари. Државниот завод за статистика денеска ги соопшти податоците, според кои вкупната вредност на извршените градежни работи во странство во првата половина на 2012 година изнесува 152.463.000 денари (2,48 милиони евра) што е за 85,2% помалку во споредба со истиот период лани. Огромно намалување е забележано и кај договорените градежни активности на пазарите надвор од земјава, при што фирмите од овој сектор успеале да склучат договори во вредност од 275.463.000 денари (4,48 милиони евра) што е за 83,6% помалку во споредба со првите шест месеци од 2011 година.

 

Публикуваните бројки укажуваат дека во наредните неколку месеци нема простор за оптимизам на ова поле. Статистичките информации ги поткрепуваат досегашните тврдења дека македонските градежници работат исклучиво на домашниот пазар, опстојувајќи од зделки кои се најчесто склучени со државните институции или со локалните самоуправи. Во прилог на ова се и склучените договори на најголемите македонски компании од овој сектор – „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје, во чии извештаи доставени до Македонската берза не можат да се сретнат проекти кои во последниве месеци се договорени за изведба во странство.

 

Единствена надеж за подобрување на состојбата на странските пазари е најавата од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), која се согласи да го додели договорот за изградба на 37 – километри долгиот автопат од Прњавор до Добој во Република Српска, на конзорциумот сочинет од босанската компанија „Интеграл инженеринг“ и скопски „Гранит“. Првата делница на планираниот автопат од Бања Лука до Добој ќе чини 180 милиони евра. Статистичките податоци покажуваат дека во текот на минатата година извршените градежни работи надвор од земјава од страна на македонските фирми опаднале за 11%, додека договорените се намалиле за дури 39% во споредба со 2010 година.

 

 

» Форумска дискусија на оваа тема