Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) склучи два договори за ревитализација и модернизација на доводот „Горна Радика“ и за санација на доводот „Шарски води“, со што ќе се создаде можност за дополнително производство на 18 GWh електрична енергија од мавровските хидроелектрани Вруток, Равен и Врбен. Со претстојната реконструкција на доводот „Горна Радика“ ќе се зголеми неговиот капацитет за 4 кубни метри во секунда и ќе се овозможи зафаќање на преливните води и балансирање на водниот капацитет на зафатите Штировица и Црн Камен, се нагласува во соопштението од оваа државна компанија. Со зафатот ќе се подобри безбедноста на каналот, ќе се минимизира ризикот од евентуално лизгање на земјиштето и ќе се намалат трошоците за редовните ремонтни активности.
Со санацијата на 64 – километри долгиот довод „Шарски води“ ќе се прекинат загубите на вода по целата негова должина и ќе се елиминира потенцијалната опасност од лизгање на земјиштето. По завршувањето на градежните активности, каналот ќе биде оспособен за експлоатација во наредните пет децении. Инвестицијата во санација на двата довода изнесува 3,9 милиони евра, а како изведувач на работите на терен ќе биде компанијата „Бетон“ од Скопје. Финансиските средства за спроведување на зафатот ги обезбеди ЕЛЕМ.