Претходна статија
Обезбедени се средства за реконструкција на пругата Куманово - Бељаковце
Следна статија
Се реконструира влезот во Битола од правецот на Ресен

За РЕК Битола обезбеден јаглен за наредните три децении

Објавено на 21.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Премиерот Никола Груевски денеска го пушти во употреба главниот транспортен систем за јаглен во РЕК Битола, кој се протега од површинскиот коп Брод-Гнеотино до рудникот Суводол, во должина од 10 километри. Капацитетот на овој систем изнесува 3.800 тони јаглен на час, со брзина на движење на гумената лента од 4,8 метри во секунда, што ќе овозможи на годишно ниво да се пренесуваат 2 милиони тони јаглен до истоварното место во Суводол. Изградената траса е поделена на пет секции со идентичен број на погонски станици и комплетна инфраструктура од натпатници и испусти за одводнување. Со дополнителните количини јаглен ќе се исполни потребниот минимум за непречено производство на електрична енергија од страна на најзначајниот македонски енергетски објект.

 

„Се комплетира системот за искористување на енергетското богатство на јагленокопот Брод-Гнеотино и рудникот Суводол со што ќе се обезбеди стабилна иднина, развојни перспективи и непречена работа на термоелектраната Битола во наредните 25 до 30 години“, истакна премиерот Груевски. Транспортниот систем би можел да претставува ефикасна врска за пренесување на јагленот што во иднина би се експлоатирал од новото наоѓалиште во Живојно, со што дополнително би се продолжил работниот век на РЕК Битола. Производството и монтажата на системот ја изврши германската компанија „ТисенКруп“ (ThyssenKrupp AG) со подизведувачот „Факопм“ и главниот проектант на трасата и потребната инфраструктура „Геинг“. Остварувањето на целокупниот проект доцнеше цела година, ако се земе во предвид тврдењето за време на потпишувањето на договорот дека тој ќе се реализира до мај 2011 година. Инвестицијата изнесува 18,6 милиони евра, од кои 16 милиони евра се обезбедени преку заем од германската „Дојче Банк“, додека Електрани на Македонија одвоија 2,6 милиони евра.