Претходна статија
Се гради фабрика за автобуси во Бунарџик
Следна статија
За РЕК Битола обезбеден јаглен за наредните три децении

Обезбедени се средства за реконструкција на пругата Куманово – Бељаковце

Објавено на 20.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Заокружена е финансиската конструкција за првата фаза од изградбата на железничкиот Коридор 8, која подразбира рехабилитација на делницата од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километри. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска изјави дека се обезбедени 46,4 милиони евра преку заем од Европската банка за обнова и развој. Кредитното задолжување за овој проект веќе е во собраниска процедура и се очекува во текот на наредниот период да се најде пред пратениците. Рокот за отплата на кредот е 15 години со грејс период од четири години и каматна стапка што во моментов изнесува 1,7 отсто.

 

Тендерот за реконструкција на оваа делница би се објавил во текот на септември, а градежните работи би започнале во првиот квартал од 2013 година. Најдоцна до 2017 година ќе биде оспособена за сообраќај железничката пруга до Бељаковце, на која е планирано да сообраќаат патнички возови пред комплетното завршување на преостанатите две фази од Коридорот 8. Планираната рехабилитација ќе опфати замена на шините и праговите од колосекот и санација на постоечките мостови. Куманово ќе добие втора железничка станица што е значително поблиску до центарот на градот и ќе овозможи ефикасно железничко поврзување со Скопје. На железничката траса од Куманово до Бељаковце се предвидени три станици и шест стојалишта. Проектот ќе ја оживее оваа делница, на која сообраќаа возови пред да започне изградбата на ветуваната пруга кон Бугарија. Потегот од Куманово до Бељаковце претставува најлесниот и најевтин сегмент од реализацијата на железничкиот Коридор 8.