Со поставување на камен темелник за четири тениски игралишта во Општина Аеродром, денеска и официјално беше означен стартот на проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 100 тениски игралишта ширум државата. На локација до спортската сала „Јане Сандански“, во склоп на планираниот спортско-рекреативен центар покрај кејот, во следните пет месеци ќе никнат четири асфалтни терени со акрилна подлога за заштита од лизгање. Ќе бидат опремени со тениска мрежа, клупи, маси за одмор, судиско столче и жичана ограда во висина од 3,4 метри, а предвидено е и поставувње на рефлектори високи по 12 метри.
Проектот го најави уште на почетокот на 2008 тогашниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Ивица Георгиевски. Тогаш беше соопштено дека 100-те игралишта ќе бидат готови до 2009 или 2010 и дека целиот проект ќе чини четири до пет милиони евра.