Претходна статија
Нови 2 милиони долари за енергетска ефикасност во училиштата и градинките
Следна статија
Во средината на август ќе стартува изградбата на новата општинска зграда на Карпош

Посебно тело ќе се грижи за континуирано стратешко планирање и за ГУП-от на Град Скопје

Објавено на 19.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Во преполната сала на Советот на Град Скопје денеска се одржа стручна расправа за Нацртот на Генералниот урбанистички план (ГУП) на главниот град за периодот 2012 – 2022 година, на која градоначалникот на Скопје Коце Трајановски најави дека размислува за формирање организациона единица или субјект во рамките на градот кој во континуитет ќе се грижи за ГУП-от и за стратешкото планирање на македонската метропола. Најголем интерес помеѓу присутните експерти предизвика новата просторна организација на градот. „Новина е тоа што Градот Скопје се подели на 11 реони, а во рамките на нив за прв пат се воведуваат 143 градски четврти. Деталните урбанистички планови (ДУП) ќе се донесуваат на ниво на градска четврт“ истакна Трајановски.

 

Страшо Хаџи Коцев од Секторот за урбанизам во општина Аеродром напомена дека границите на општините не се совпаѓаат со градските четврти, што би можело да предизвика проблем при изработката на ДУП-овите. Претставниците од индустрискиот сектор напоменаа дека би можело да се јават дополнителни одолговлекувања при решавањето на спорови со воведувањето на трето ниво преку кое ќе се уредува просторот, покрај катастарскиот план и планот на општината. Од Градот Скопје одговорија дека претстојниот ГУП нема да може да ги реши проблемите кои се јавуваат со разграничувањето помеѓу скопските општини, кои истите треба во иднина да ги надминуваат преку заемен дијалог.

 

Михаил Токарев, професор во пензија од Архитектонскиот факултет напомена дека градот се претвора мегалополис во рамките на една мала држава и во таа смисла капацитетот на животниот простор е преоптоварен. Тој запраша колку луѓе навистина можат да живеат во Скопје и во скопската котлина пред да се предизвика трајна деградација на животниот простор. „Ако продолжиме ние да градиме четири кули за 5.000 жители во една населба, друга населба ќе пројави други желби. Во Скопје има повеќе станови отколку што има семејства. Апелирам да се размисли за „дезурбанизација“, односно враќање на луѓето во нивните родни места, затоа што градот тој товар веќе не може да го издржи“, апелираше професорот Токарев.

 

Томе Костадиновски од компанијата „Конструктор“ напомена дека Јужната обиколница е неминовна потреба во насока на растоварување на сообраќајниот метеж и намалување на времето на патување од едната до другата страна на градот. Наспроти ваквиот став, во текот на расправата преовладаа спротивни размислувања. „Атрактивен е просторот на Водно и тој ќе навлече огромен притисок околу обиколницата да започне да се градат и реализираат објекти, но ние мораме да го заштитиме зеленилото во градот. Ние секој ден гледаме уништување на зелените површини“, истакна Андреј Токарев, универзитетски професор и генерален координатор на ГУП за периодот 2012 – 2022 година.

 

Како алтернатива на изградбата на Јужната обиколница, Зоран Кракутовски, професор од Градежниот факултет во Скопје, изјави дека во понудената верзија на Нацртот на ГУП останува вметнат булеварот Македонија како брза градска магистрала, но и улицата Митрополит Теодосиј Гологанов за која е предложено засилување на сообраќајниот проток со шински превоз, преку решение кое ќе треба да ја поврзе железничката станица Ѓорче Петров со Транспортен центар.

 

Границите на Градот Скопје со новото просторно планирање не се променети, освен што е внесена територијата на општина Сарај во рамките на ГУП-от и е направена корекција на границата помеѓу општина Кисела Вода и општина Сопиште. Процесот на изготвување на урбанистичкиот план за македонската метропола започна во 2009 година. Забелешките кои стручната јавност ги искажа на денешната расправа треба да се достават во рок од 10 дена во писмена форма до Градот Скопје за да се постапи во насока на нивно разгледување и евентуално вметнување во конечната предлог – верзија која ќе се достави на гласање пред градските советници.

 

» Форумска дискусија за ГУП-от на Скопје

 

 

 

Планирана поделба на градски четврти

 

Планирана сообраќајна мрежа

 

Планирани главни гасоводи