Претходна статија
Нови бензински станици на „Макпетрол“
Следна статија
И во Битола ќе се воведе зонското паркирање

Филтерската станица за водоводот во Гостивар ќе биде завршена во првата половина на 2013 година

Објавено на 06.07.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Досега се реализирани првата и втората фаза од проектот за изградба на филтерска станица на системот за водоснадбување во Гостивар и се очекува нејзино ставање во функција во првата половина на идната година. Речиси при крај е изградбата на самиот објект, а во последната фаза е планирано монтирање и тестирање на опремата, сочинета од 12 автоматски микрофибер филтри за вода. За обезбедување на исправна вода за пиење на граѓаните на Гостивар и на околните населени места се издвоени 123 милиони денари или околу 2 милиони евра.

 

#„Со тоа ќе се обезбеди производен капацитет на вода за пиење од 800 (m3/h), простор за инсталирање на опрема за дополнителни 400 (m3/h) вода за пиење, со што трајно ќе се реши проблемот со обезбедување на квалитетна вода за пиење за околу 65.000 жители од градот Гостивар и населените места Равен, Мердита, Здуње, Дебреше, Долна и Горна Бањица, Балин Дол и Беловиште“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Абдулаќим Адеми. Филтерската станица се гради на изворот на реката Вардар на местото Вруток. Изведувач на градежните работи е компанијата „ЦМЦ Екокон“. Договорот за реализација на филтерската станица беше потпишан на почетокот од јуни минатата година.